Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најавува нов топлотен бран кој ќе ја зафати Македонија и ќе донесе неколкудневен период со многу високи температури. Според прогнозите, жешкото време ќе се задржи најмалку до средината на следната седмица.
Под влијание на топла воздушна маса која продира од југ, времето ќе биде претежно сончево и многу топло, со мала до умерена локална облачност.
Дневните температури насекаде во земјата ќе бидат над 30 Целзиусови степени, а во одделни региони ќе достигнат и до 39 степени.
Од УХМР предупредуваат дека високите температури нема значително да се намалуваат ниту во текот на ноќта, што ќе придонесе за таканаречени „тропски ноќи“, кога и минималните температури остануваат високи.
Во вакви услови, се препорачува граѓаните да избегнуваат престој на отворено во најтоплиот дел од денот, да внесуваат повеќе течности и да ги следат препораките за заштита од високи температури, особено повозрасните лица, хронично болните, малите деца и бремените жени.