13 годишниот охриѓанец Марко Пејчиновски вчера започна соло маратон од 64 километри, посветен на лицата со ретки болести.
По 4 часа и 49 минути во водите на Охридското Езеро и минати 11 километри и 840 метри, Марко поради големи болки во ногата го прекинал маратонот.
Сакаше да го преплива таканаречениот триаголник Охрид – Св. Наум – Струга – Охрид.
„Имаше бранови против мене, тоа ми беше најтешкиот дел. Еден час пливав во едно место, тоа беше најтешкиот дел“, изјави Марко Пејчиновски.
Не успеа, но неговиот обид предизвика воодушевување кај јавноста и на социјалните мрежи.
„Не ми е баш сеедно, но се чувствувам супер, ќе продолжам понатаму нема откажување. Им се заблагодарувам на сите што дојдоа сите што присуствуваа, прекрасно ми беше кога ги гледав сите коментари. Ми даваше уште повеќе мотивација да испливам. Но поради големата болка, не успеав. Имам се уште болки но не гледам на тоа, пробувам да го заборавам“, изјави Марко Пејчиновски.
А Марко, кој и самиот има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети, добива поддршка од сите страни. Тој лани го преплива Охридското Езеро од Св. Наум до Охрид и стана најмладиот пливач во историјата кој успеал да направи таков подвиг. А тој ја продолжува својата хумана мисија со мото „Желбата и волјата се крилја за големи дела.“
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ