Македонија

Со „Шехерезада“ вечерва се отвора 35. издание на „Интерфест Битола“

Со „Шехерезада“ вечерва се отвора 35. издание на „Интерфест Битола“

 Со балетската претстава „Шехерезада“ и ансамблот на Националната опера и балет ќе биде отворено 35. издание на интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест Битола“. Годинашната програма ќе се одржува од 2 до 12 октомври, а организаторите повторно укажуваат на недоволна финансиска поддршка.

Триесет и петтото издание на „Интерфест Битола“ започнува со балетската претстава „Шехерезада“, во изведба на ансамблот на Националната опера и балет. Фестивалот и годинава ја продолжува својата основна мисија – промоција на класичната музика, со репертоар што, како што беше посочено, опфаќа „музика од барок па до се до модерната“.

Според организаторите, низ фестивалските години на „Интерфест“ биле изведени бројни дела и композиции, интерпретирани од врвни уметници. Во изминатиот период на фестивалот настапувале гости од повеќе земји, меѓу кои Јапонија, Кина, Америка, Британија, Русија и Кореја. Но, како што беше истакнато, ваквиот меѓународен обем во последните години е отежнат „заради недостиг на средства“.

Директорот на фестивалот, врвниот тромбонист Рибарски, вели дека „Интерфест“ има значајна улога и во афирмацијата на домашните млади уметници. „Преку овој фестивал придонесуваме наши млади уметници да бидат присутни во целиот свет во реномирани оркестри и оперски куќи. Да се слушне за Битола“, посочува тој. Истовремено, нагласува дека фестивалот со години се соочува со финансиски проблеми.

„Со големи тешкотии го организираме. Претходниот министер осум илјади евра да ни скрати. Вицера, министерката исто осум илјади евра. Не знам зошто“, вели Рибарски. Според него, годинава од Министерството за култура се одобрени 16 илјади евра за организација на фестивалот.

И покрај тоа, „Интерфест“ останува меѓу културните манифестации што се рангирани како настани од национално значење. Во периодот од 2 до 12 октомври, публиката ќе има можност да проследи настапи на врвни домашни и светски солисти, со што Битола и годинава ќе биде домаќин на еден од препознатливите фестивали на класична музика.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни