Земјоделскиот сектор ќе добие дополнителна финансиска поддршка преку предложениот ребаланс на Буџетот, со кој се обезбедени над 1,5 милијарди денари за земјоделците и капитални инвестиции во водостопанството.
Од предвидените средства, над 1,4 милијарди денари се наменети за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, додека околу 100 милиони денари ќе бидат вложени во капитални проекти во областа на водостопанството.
Со дополнителните средства, како што информираат надлежните, целта е да се подобрат условите за работа на земјоделците, да се зголеми конкурентноста на домашното производство и да се обезбеди подолгорочен развој на секторот.
Поддршката е насочена кон создавање поодржливо земјоделство и подобра ефикасност во користењето на ресурсите, особено преку инвестиции во водната инфраструктура која е од големо значење за земјоделското производство.
Надлежните посочуваат дека преку одговорни политики и насочени инвестиции се создаваат услови за стабилен развој на земјоделството и поголема сигурност за земјоделските производители.