Македонија

Невремето во Струмичко предизвика серија пожари: Противпожарните екипи спасија повеќе села од поголема штета

Невремето во Струмичко предизвика серија пожари: Противпожарните екипи спасија повеќе села од поголема штета

Краткото, но интензивно невреме кое го зафати струмичкиот регион предизвика серија технички дефекти и пожари на отворено, што наложи итна и масовна интервенција на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Струмица.

Повеќе тимови на струмичките пожарникари беа истовремено распоредени на терен во неколку населени места каде што молњите и силниот ветер направија најголеми проблеми.

Според информациите од ТППЕ Струмица, пожарникарите интервенирале на следните локации:

  • с. Моноспитово, с. Куклиш и с. Горни Балдовци – каде поради громови и споеви беа запалени електрични столбови и кабли;
  • ул. „Климент Охридски“ во Струмица – каде дошло до палење на електрично броило;
  • с. Банско – каде екипите работеле на брзо отстранување на паднато дрво кое го блокирало патниот правец;
  • с. Дорломбос – каде невремето предизвикало шумски пожар во тешко пристапен терен.

Од Противпожарната единица нагласуваат дека благодарение на брзата и координирана реакција на сите тимови, сите пожари биле навремено локализирани и целосно изгаснати.

„Со брзата интервенција беше спречено понатамошно ширење на огнот и беше избегната поголема материјална штета како на приватните објекти, така и на шумскиот фонд во регионот“, соопштуваат од ТППЕ Струмица.

Состојбата на терен во моментов е нормализирана, а екипите остануваат во состојба на претпазливост.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни