По повод 15 Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап, Коалицијата за застапување на правата на лицата со хендикеп „Менуваме“ упати апел до надлежните институции за итно решавање на проблемот со непристапноста на јавните површини во Скопје. Оттаму нагласуваат дека личната мобилност и слободното движење на слепите и лицата со оштетен вид не се привилегија, туку основно човеково право и услов за достоинствен живот.
Извршувањето на секојдневните обврски – од заминување на работа до посета на лекар – за овие граѓани претставува ризичен предизвик поради паркираните автомобили на тротоарите, нефункционалните звучни семафори, прекинатите тактилни патеки и недостапните информации во јавниот превоз.
„Проблемот не е во белиот стап, туку во урбаната средина која не нуди безбедни услови. Белиот стап е симбол на независност и ориентација, а не на беспомошност. Слепилото не ја намалува способноста на човекот да работи, да учи и да придонесува во општеството, но пречките настануваат кога инфраструктурата ги игнорира потребите на сите граѓани“, порачуваат од Коалицијата.
Пристапноста е законска и меѓународна обврска
Од Коалицијата потсетуваат дека Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост (особено членовите 9 и 20) јасно ја дефинира обврската за обезбедување пристапност до физичката средина, транспортот и информациите врз основа на концептот за универзален дизајн.
Оттаму посочуваат дека одговорноста е поделена меѓу Градот Скопје, општините, Министерството за транспорт, ЈСП „Скопје“, како и сообраќајните и инспекциските служби.
Барања за конкретни чекори и мерливи резултати
Коалицијата „Менуваме“ бара институциите итно да спроведат системски мерки, меѓу кои:
- Целосна ревизија на тротоарите, пешачките патеки и постојките за да се мапираат и отстранат физичките бариери.
- Строги контроли и ослободување на пешачките зони од паркирани возила и диво поставени предмети.
- Редовна проверка и одржување на звучната сообраќајна сигнализација.
- Воведување функционални звучни најави во сите автобуси на јавниот превоз и соодветна обука на персоналот.
- Вклучување на лицата со попреченост во сите фази на планирање и теренска контрола на инфраструктурата.
„Напредокот на еден град не се мери само според новите згради и патишта, туку според тоа дали секој граѓанин има еднаков пристап до нив. Скопје мора да стане град во кој никој нема да биде изоставен“, заклучуваат од „Менуваме“.