Македонскиот рапер Марко Маринковиќ попознат како Слаткаристика сподели емотивна објава на социјалните мрежи, откривајќи дека со години чувал необјавена песна снимена заедно со Владо Јаневски.
По денешното последно збогување со легендарниот музичар, Слаткаристика напиша дека токму тогаш сфатил колку многу работи останале недовршени. Тој откри дека песната никогаш не била објавена, не затоа што не верувал во неа, туку затоа што секогаш сакал да го даде својот максимум кога соработува со луѓе што неизмерно ги почитува.
„Со години чувам една песна што ја снимивме заедно. Не затоа што не верував во неа, туку затоа што секогаш кога работам со некој што неизмерно го ценам, сакам да го дадам својот максимум. Постојано мислев дека може уште подобро и затоа ја одложував, убеден дека ќе имаме време повторно да работиме на неа. За жал, тоа време не дојде“, напиша Слаткаристика.
Заедно со објавата, тој сподели и краток аудио-извадок од песната, најавувајќи дека ќе ја доврши и ќе ја објави на роденденот на Владо Јаневски.
„Ова е само мал дел од песната. Ветувам дека ќе ја довршам и ќе ја објавам на неговиот роденден. Фала ти за довербата, Владо. Фала ти за сè што направи за сите нас. Ќе ми недостигаш. На сите ќе ни недостигаш“, стои во неговата порака.
Објавата предизвика бројни реакции и пораки со поддршка од јавноста, која со емоции се простува од еден од најзначајните македонски музички автори и изведувачи.