Македонија

Крај за „дивеењето“ на странските возачи: „Безбеден град“ наскоро ќе испраќа казни и за странски таблички

Крај за „дивеењето“ на странските возачи: „Безбеден град“ наскоро ќе испраќа казни и за странски таблички

Системот „Безбеден град“ наскоро ќе започне автоматски да ги евидентира и да ги испраќа казните за сообраќајни прекршоци и до странските државјани кои возат низ земјава. Ова денеска го најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, за време на промоцијата на кампањата „Вози одморен“ на граничниот премин „Табановце“, каде присуствуваше и неговиот српски колега Ивица Дачиќ.

Тошковски упати сериозен апел до сите странски возачи и иселеници кои транзитираат низ Македонија, особено по Коридорите 8 и 10, максимално да ги почитуваат правилата бидејќи клучната цел на овие мерки е спасување на човечки животи.

Технологијата во функција на воведување ред

Министерот потенцираше дека во ера на развиена технологија и вештачка интелигенција, недозволиво е странските прекршители да останат неказнети.

„Системот ‘Безбеден град’ функционира и ќе се однесува на сите, без разлика дали возилото е со македонски или со странски регистарски таблички. Наскоро ќе бидете сведоци на целосна имплементација на вториот чекор, кој се однесува на достава на казните за оние кои управуваат странски возила. Ако во 21 век не најдеме начин за достава на овие казни, тогаш имаме проблем самите со себе“, дециден е Тошковски.

Иако признава дека процесот на прекугранична достава е комплексен и бара време, МВР веќе има развиено решение кое набрзо ќе почне да функционира во пракса.

„Безбеден град“ веќе „улови“ над 120.000 прекршоци

Системот за автоматско евидентирање на сообраќајните прекршоци преку камери официјално беше пуштен во функција на 1 февруари годинава. Податоците покажуваат дека за неполни пет месеци (до 22 јуни), „Безбеден град“ веќе има регистрирано над 120.000 сообраќајни прекршоци на македонските патишта. Со новото техничко решение, оваа црна бројка се очекува драстично да се намали, а одговорноста на патиштата да се зголеми за сите учесници во сообраќајот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни