По шест дена поминати во штрајк пред Деканатот на Медицинскиот факултет, докторот Дарко Василевски го прекина протестот, порачувајќи дека и покрај нарушеното здравје, не се кае што јавно проговорил за, како што тврди, неправдата со која се соочил.
Во објавата по завршувањето на штрајкот, Василевски се осврна на периодот поминат пред факултетот, на поддршката што ја добил од граѓани и колеги, но и на, како што наведува, разочарувањето од односот на институциите.
Тој вели дека за време на шестдневниот штрајк очекувал поголем интерес од надлежните и обид преку разговор да се најде решение за проблемот поради кој го започнал протестот. По разговорот со деканот на Медицинскиот факултет, како што наведува, сфатил дека неговите очекувања од институциите биле преголеми.
„Денес, по краткиот разговор со деканот на Медицинскиот факултет, сфатив дека како Дон Кихот, се борам со ветерници и имам преголеми очекувања од институциите“, напиша Василевски.
Според него, во изминатите денови очекувал некој да разговара со него за причините поради кои штрајкува, да праша како се чувствува или да понуди конкретно решение.
Во својата објава тој го коментира и односот на дел од колегите. Василевски наведува дека очекувал поддршка и охрабрување, но тврди дека наместо тоа во јавноста бил претставуван како неработник. Тој исто така тврди дека биле објавувани негови лични податоци со намера да биде дискредитиран.
И покрај тоа, Василевски вели дека не жали што решил јавно да зборува за случајот. Неговата цел, како што наведува, била да отвори пошироко прашање за тоа дали кандидатите добиваат еднаква можност и дали постапките се спроведуваат според јасни и фер критериуми.
„Се надевав дека мојот случај ќе биде лекција како не треба во иднина, дека треба секому да му се даде шанса, праведна, а не да се бројат години или да се влечат врски“, наведува Василевски.
По шестдневниот штрајк, тој признава дека здравјето му е нарушено, но вели дека е горд што истраел и не се повлекол под притисок. Посебно им се заблагодари на сите кои во изминатите денови му понудиле поддршка, меѓу кои граѓани и негови колеги.
Василевски најавува дека завршувањето на штрајкот не значи и крај на случајот. Тој посочува дека прашањето за, како што тврди, фер и транспарентна постапка ќе го проверува пред надлежните инспекциски и судски органи.
И покрај случувањата, докторот вели дека нема намера да се откаже од медицината. Најавува дека ќе продолжи со професионалното усовршување и едукација, со цел да остане посветен на професијата и да биде добар лекар.
„Фала ви на сите за поддршката, а јас и понатаму ќе одам против ветерници, не знам како поинаку“, порача Василевски по завршувањето на шестдневниот штрајк.