Во засилените сообраќајни контроли спроведени во текот на изминатото деноноќие, полициските службеници лишиле од слобода 18 возачи поради безобѕирно управување со моторно возило, при што најголем дел од нив биле затекнати без возачка дозвола.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека 15 лица управувале возило без положен возачки испит, меѓу кои и двајца малолетници.
Најмногу приведени има во Гостивар – пет лица, од кои едно е малолетно, а едно претходно учествувало во сообраќајна незгода. Во Скопје биле лишени од слобода четири лица, во Кичево две лица, од кои едното е малолетник, а по едно лице биле приведени во тетовскиот регион, Кривогаштани, Прилеп и Битола.
Покрај тоа, во Делчево е приведен возач кој управувал возило под дејство на алкохол, додека во Кичево и Кавадарци биле затекнати по едно лице кои возеле и покрај изречената забрана за управување со моторно возило.
Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на сите случаи против сторителите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Воедно, полицијата упати апел до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила, да не седнуваат зад волан без возачка дозвола, да не управуваат возило доколку им е изречена забрана или ако се под дејство на алкохол, со цел да се зголеми безбедноста на патиштата.