Триесетгодишна жителка на Велес е лишена од слобода откако, според информациите на Министерството за внатрешни работи, со остар предмет го повредила својот 37-годишен вонбрачен сопруг во нивниот дом. Против неа ќе биде поднесена кривична пријава за обид за убиство при семејно насилство.
Од МВР соопштија дека настанот се случил на 6 јули околу 19 часот, кога полициски службеници од СВР Велес ја привеле Т.Д. (30) од Велес, осомничена дека му нанела убодна рана на својот вонбрачен партнер.
Повредениот веднаш бил пренесен во Општата болница во Велес, каде му била укажана лекарска помош, додека осомничената била задржана во полициска станица.
При увидот, полициските службеници го пронашле и го одзеле предметот со кој, според сомневањата, било извршено делото. За случајот бил известен јавен обвинител.
По целосно расчистување и документирање на настанот, против Т.Д. ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „обид за убиство при семејно насилство“, казниво согласно член 123, во врска со член 19 од Кривичниот законик.