Тројца функционери на коалицијата „Вреди“ вчера биле задржани на граничниот премин Ќафасан, при што албанските власти не им дозволиле да влезат во Албанија, иако поседувале дипломатски пасоши, соопштија денеска од коалицијата.
Според информациите, станува збор за координаторот на пратеничката група на „Вреди“, Беким Ќоку, пратеникот Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани.
Од „Вреди“ наведуваат дека тројцата биле задржани околу еден час, без да им биде дадено официјално објаснување за причината. Како што тврдат, неофицијално им било кажано од граничната полиција дека за нив постои забрана за влез во Албанија, но не им бил презентиран никаков документ или формална одлука што би го потврдила тоа.
Поради ваквиот развој на настаните, од коалицијата бараат надлежните институции во Република Албанија јавно да соопштат дали навистина постои таква мерка.
„Доколку постои, јавноста треба да биде информирана кој ја донел одлуката, врз која законска основа се темели и кои се конкретните причини за преземањето на ваквата мерка кон избрани функционери и институционални претставници. Меѓуалбанските односи треба да се градат врз транспарентност, институционално почитување и јасна комуникација, а не врз необјаснети забрани и постапки што оставаат простор за сомнежи“, порачаа од „Вреди“.