Македонија

Директорот на затворот: Кај дел од осудениците има црвенило, ќе се утврдува дали имало прекумерна сила

Директорот на затворот: Кај дел од осудениците има црвенило, ќе се утврдува дали имало прекумерна сила

Надлежните институции ќе испитуваат дали при претресот што вчера го спроведе Единицата за интервенции на затворската полиција во КПУ „Затвор Скопје“ била употребена прекумерна физичка сила врз дел од осудениците. Откако беа објавени поплаки за повредени затвореници, директорот Бобан Утковски потврди дека кај неколку лица се забележани траги од црвенило, но нагласи дека засега не може да се извлекуваат заклучоци.

Утковски информира дека акцијата била спроведена во утринските часови, при што бил извршен претрес на просториите во установата. За време на интервенцијата, како што рече, била употребена физичка сила врз дел од штитениците, а кај некои од нив биле констатирани видливи траги на црвенило.

„Во овој момент не би било ниту професионално ниту одговорно однапред да се квалификува дали станува збор за прекумерна употреба на сила или за постапување во рамките на законските овластувања. Сите околности ќе бидат темелно и непристрасно утврдени преку законски предвидените постапки“, изјави Утковски за „Фокус“.

Тој посочи дека доколку истрагата покаже дека било постапено спротивно на законските овластувања, ќе биде преземена соодветна одговорност. Доколку, пак, се утврди дека употребата на сила била законска, неопходна и пропорционална, и тоа ќе биде јавно соопштено.

По настанот, во затворот „Скопје“ изврши посета и Народниот правобранител Фатон Сељами, кој заедно со тим од Механизмот за граѓанска контрола одржал средба со директорот Бобан Утковски и заменик-директорот Баки Мустафи.

Од Канцеларијата на Народниот правобранител соопштија дека целта на посетата била да се добијат детални информации за претресот и за постапувањето на припадниците на Единицата за интервенции на затворската полиција, која е под надлежност на Управата за извршување на санкции.

Сељами разговарал и со дел од затворениците кои биле предмет на претресот, при што вниманието било насочено кон тоа дали биле почитувани сите процедури и стандарди при интервенцијата и дали евентуално имало пречекорување на службените овластувања или употреба на прекумерна сила.

За случајот се очекуваат и официјалните заклучоци на Народниот правобранител.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни