Четириесет и едногодишен кочанчанец, кој бил приведен откако во неговото возило била пронајдена бела прашкаста материја, синоќа успеал да избега од Полициската станица во Кочани. Полицијата е на терен и интензивно трага по бегалецот.
Од Министерството за внатрешни работи за 4news.mk го потврдуваат инцидентот дека се случил на 10 јули околу 20:35 часот.
Осомничениот А.Л. (41) од Кочани, кој претходно бил задржан во просториите на станицата поради сомнение за сторено кривично дело, искористил прилика, отворил прозорец од просторијата во која престојувал и се дал во бегство.
Надлежните органи соопштуваат дека во моментов се преземаат сите неопходни оперативни мерки за лоцирање и повторно приведување на лицето.
Приведен во заедничка полициска акција кај Истибања
Дрското бегство следи помалку од 24 часа по неговото апсење. Претходно, доцна вечерта на 9 јули (во 23:55 часот), на самиот влез во виничкото село Истибања, А.Л. беше лишен од слобода заедно со неговиот помлад сограѓанин Ј.Ј. (25).
Нивното приведување било резултат на координирана акција на полициски службеници од ОВР Кочани, ОВР Делчево и Полициското одделение Македонска Каменица.
Полицијата сопрела патничко возило „субару“ со кочански регистарски ознаки, кое го управувал 25-годишниот Ј.Ј., додека сега избеганиот А.Л. бил на совозачкото место. При извршениот детален преглед на автомобилот, инспекторите пронашле и одзеле бела прашкаста материја.
Од полицијата додаваат дека по пронаоѓањето на бегалецот и целосното документирање на случајот, против инволвираните ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави до надлежното обвинителство.