Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, денеска го посети Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кочани за лично да ги утврди околностите околу бегството на едно лице од полициската станица. Јанев овој инцидент го оцени како сериозен удар врз довербата на граѓаните во полицијата.
Преку статус на Фејсбук, тој порача дека случајот мора целосно да се расчисти и најави строги санкции доколку се утврди пропуст, помагање или несовесно работење.
„Внатрешната контрола, со поддршка од централните оддели во БЈБ, веќе ги проверува сите инволвирани лица. Локални шерифи нема да постојат. Никој кој свесно или несовесно го прекршил законот нема да биде поштеден“, дециден е Јанев.
Директорот изрази разочарување бидејќи верувал дека овој регион ги извлекол поуките од минатото. Тој нагласи дека ваквите инциденти ја засенуваат професионалноста на чесните полицајци, повторувајќи дека законот мора да важи еднакво за сите – криминалците ќе бидат пронајдени, а одговорност ќе сносат и сите оние кои помогнале или премолчиле.