Македонија

Мицкоски за ослободителната пресуда за случаите Талир 1 и Талир 2:  Конечно правдата е задоволена за ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски за ослободителната пресуда за случаите Талир 1 и Талир 2:  Конечно правдата е задоволена за ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот коментар по однос на донесената ослободителна пресуда за случајот Талир, рече дека ВМРО-ДПМНЕ беше предмет на политички прогон и агресија на претходната Влада со измислени случаи како Талир 1 и Талир 2.
 
„Мојот став е многу јасен. ВМРО-ДПМНЕ во тој период кога беше предмет на политички прогон и би рекол еден вид на агресија од страна на претходната Влада, измислија случаи кој не постојат, како што е Талир 1 и Талир 2. Вчера конечно судот што се однесува до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ донесе пресуда која што е пресуда во согласност на правдата и сето она кое што претставува очекување на граѓаните“, истакна Мицкоски.
 
Во однос на ослободителната пресуда на претходниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски посочи дека таквата одлука се должи на законските измени донесени токму во време на Владата на СДСМ и ДУИ, додавајќи дека поради таквите законски измени на Кривичниот законик и во иднина ќе следат многу политички амнестии.
 
„Што се однесува до другиот дел од пресудата и лицето кое што е опфатено со другиот дел од пресудата, од она кое што можев да го прочитам од одговорот на Кривичниот совет од Основниот суд, можам да заклучам дека станува збор за последица од законските измени  во Кривичниот законик донесени од претходната влада на СДСМ и ДУИ. И како резултат на тие законски измени ние кажавме во минатото многу политички амнестии имаше, но многу политички амнестии ќе следат. За жал кога еднаш ќе направите грешка таа грешка потоа станува правило и ве следи. А што се однесува до најголемата политичка партија во државата ВМРО-ДПМНЕ можам да кажам дека конечно правдата е задоволена“, дециден е Мицкоски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни