Последниот рок за постигнување договор меѓу политичките партии за измените на Изборниот законик истече без резултат. И покрај повиците за компромис и предупредувањата дека земјата може да остане без значајни европски средства, партиите не успеаја да ги надминат разликите.
Премиерот Христијан Мицкоски уште во текот на денот ги повика политичките субјекти да направат последен обид за договор, но изрази сомнеж дека тоа ќе се случи, посочувајќи дека недостасува политичка зрелост.
Немањето договор значи ризик Македонија да остане без 4,2 милиони евра од европските фондови, бидејќи измените на Изборниот законик се дел од реформската агенда поврзана со европската поддршка.
Наместо во Собранието да продолжат разговорите за усогласување на ставовите, политичките партии денеска разменуваа обвинувања преку партиски соопштенија и објави на социјалните мрежи.
Од Левица ги обвинија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека постои договор меѓу нив за задржување на постојниот изборен модел, оценувајќи дека таквата состојба им одговара на големите партии.
„Одбивањето на СДСМ да се вклучи во опозициско обединување околу една изборна единица претставува свесна саботажа“, наведоа од Левица.
Од партијата обвинија дека актуелниот модел со повеќе изборни единици, според нив, ги фаворизира поголемите политички субјекти и обезбедува пратенички места кои не соодветствуваат со реалната поддршка кај граѓаните.
Од СДСМ веднаш возвратија, обвинувајќи ја Левица дека со нападите врз опозицијата всушност ѝ помага на власта.
„Левица повторно ја игра улогата на сателитска партија на ВМРО-ДПМНЕ. Наместо да биде дел од опозицијата, таа продолжува да ја штити власта на Христијан Мицкоски со напади врз СДСМ“, реагираа од СДСМ.
Од опозициската партија порачаа дека Левица не придонесува за опозициско обединување и ја обвинија за ставови спротивни на стратешките определби на државата.
Во меѓувреме, евроамбасадорот Михалис Рокас вчера повторно ги повика партиите да постигнат договор, нагласувајќи дека усвојувањето на реформските закони е неопходно за користење на европската финансиска поддршка.
Без усогласени измени на Изборниот законик, Македонија ризикува да остане без 4,2 милиони евра од европските фондови, кои се поврзани со исполнување на реформските услови.