Државниот пазарен инспекторат утврдил разлики меѓу растот на набавните и продажните цени кај стотици производи, што според Министерството за економија и труд укажува дека дел од трговците ги зголемувале своите профитни маржи на сметка на потрошувачите.
Резултатите од контролите, кои опфатиле повеќе од 700 основни прехранбени производи и средства за хигиена, покажуваат дека во периодот од мај 2025 до мај 2026 година просечниот раст на набавните цени изнесувал 2,66 проценти, додека продажните цени во трговијата на мало се зголемиле за 4,56 проценти.
Податоците по седницата на Економско-социјалниот совет ги презентираше министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, кој посочи дека кај дел од трговците е забележана практика да не ги намалуваат продажните цени и покрај тоа што производите ги набавувале по пониски цени.
Според него, токму ваквото формирање на цените придонело за дополнителен ценовен притисок врз граѓаните.
Како следен чекор, Дурмиши најави итен состанок на почетокот на следната недела со производителите и дистрибутерите. На средбата ќе се анализираат набавните и продажните цени, како и можните мерки за стабилизирање на состојбите на пазарот.
„Дел од растот на малопродажните цени е резултат на зголемените бруто-профитни маржи кај одредени трговци. Кога набавните цени се намалиле, тие не ги намалиле и продажните цени. Во понеделник ќе одржиме состанок со производителите и дистрибутерите за да разговараме за формирањето на цените и можните решенија“, изјави министерот Дурмиши.