Полициска акција на македонско-косовската граница резултираше со приведување на скопјанец и заплена на две товарни возила кои, според првичните информации, биле користени за криумчарење стока.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека денеска околу 08:00 часот, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север, постапувајќи според Оперативниот план за спречување на криумчарење преку државната граница, забележале лица како вршат претовар и размена на стока на граничната линија меѓу селата Танушевци и Мијак.
Како што соопшти МВР, во акцијата биле затекнати товарно возило „Фолксваген“ со косовски регистарски таблички и товарно возило „Пежо“ со скопски регистарски ознаки.
При интервенцијата бил лишен од слобода А.А. (43) од Скопје, кој управувал со возилото „Пежо“, додека возачот на косовското товарно возило избегал кон територијата на Косово.
За случајот веднаш била воспоставена координација со припадници на косовската полиција – Task Force, кои презеле активности за негово запирање, при што возилото излетало од патот.
Двете товарни возила се одземени за понатамошна постапка, за случајот е известен јавен обвинител, а по целосното расчистување на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок.