Неколку локации во Московскиот регион во текот на ноќта биле цел на напад со беспилотни летала, при што, според информации објавени од OSINT-канали, биле погодени магацини и нафтен склад. Нападите продолжиле во повеќе градови во регионот, а експлозии биле пријавени и во руските градови Твер и Владимир.
Најголемиот инцидент бил забележан во градот Електростал, каде што, според извештаите, биле погодени логистичките капацитети на магацините на компанијата „Вајлдберис“ (Wildberries). На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат големи пожари и густ чад што се издига над градот, додека локални извори јавуваат за значителна материјална штета на магацинските објекти.
На дел од снимките е забележано и беспилотно летало кое прелетува над областа непосредно пред експлозиите.
Освен Електростал, нападнат бил и нафтен склад во градот Ногинск, недалеку од Москва. Станува збор за складиште од класа IIIa со 24 резервоари и вкупен капацитет од околу 11.500 кубни метри. Во истата област се наоѓа и Фабриката за опрема за гориво во Ногинск, па информациите за погодените објекти сè уште се проверуваат.
Во текот на изминатата ноќ цел на напад со дронови бил и Тамбовскиот регион, каде што избувнал пожар во магацин на „Вајлдберис“. Според некои извори, објектот можеби бил користен за логистичка поддршка на руските окупациски сили.
Претходно, ноќта меѓу 16 и 17 јули, по напад избувнал пожар на железничка станица во Керч, а биле нападнати и танкери во Црното Море.
Исто така, ноќта меѓу 15 и 16 јули, беспилотни летала го нападнале рускиот град Енгелс, каде што по серија експлозии избувнал пожар во близина на локалниот воен аеродром.
Drones strike Noginsk in Russia pic.twitter.com/6ewl5g4Je1
— RBC-Ukraine (@NewsUkraineRBC) July 18, 2026