Македонија

ИЈЗ на терен во Гостивар: Се анализираат примероци по зголемениот број пациенти со стомачни тегоби

ИЈЗ на терен во Гостивар: Се анализираат примероци по зголемениот број пациенти со стомачни тегоби

Институтот за јавно здравје започна со анализи на земените примероци од посочените локации во Гостивар, откако беше зголемен бројот на граѓани кои побарале медицинска помош поради гастроинтестинални симптоми.

Од ИЈЗ информираат дека по добиено барање од Јавното обвинителство, нивни екипи веднаш излегле на терен и земале примероци за микробиолошки и физичко-хемиски анализи.

По враќањето на екипата од терен, во раните утрински часови во четврток, веднаш започнала постапката за испитување на примероците.

„Согласно известувањето од ЈЗУ Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ – Гостивар за нагло зголемен број пациенти со гастроинтестинална симптоматологија, а со цел анализите да бидат изработени стручно и навремено, стручни лица од Институтот и викендов се на работа и ги анализираат примероците“, соопштија од ИЈЗ.

Од Институтот додаваат дека резултатите од испитувањата ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, кое треба да продолжи со понатамошно постапување.

ИЈЗ информира дека останува во постојана комуникација и координација со сите надлежни државни институции за следење на состојбата и утврдување на причините за појавата на зголемениот број заболени.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни