Состојбата со загадувањето на водата во градскиот водовод во Гостивар и прогласената епидемија бараат одговорност од сите надлежни институции, порача премиерот Христијан Мицкоски. Тој оцени дека во Општината и јавните претпријатија постоела недоволна реакција, поради што Владата морала да се вклучи во решавање на проблемот.
Мицкоски истакна дека морална одговорност треба да понесат сите надлежни лица, додека за останатите аспекти на одговорноста ќе одлучуваат надлежните органи.
„Морална одговорност треба да има за сите од прв до последен, а Обвинителството ќе се занимава со другите аспекти на одговорноста. Во Општината владее летаргија, поради што Владата презеде дел од активностите за да се надмине состојбата“, изјави премиерот.
Тој информираше дека Институтот за јавно здравје ја завршил постапката за испитување на водата, а резултатите се доставени до Основното јавно обвинителство, кое треба да ги разгледа наодите и да утврди дали има основа за понатамошно постапување.
Во меѓувреме, за жителите на Гостивар ќе се обезбедуваат најмалку 50.000 литри вода дневно. Мицкоски побара Јавното комунално претпријатие итно да започне со чистење на водоводниот систем, за граѓаните во најбрз можен рок да можат повторно да ја користат водата, најмалку за технички потреби.
Премиерот најави и анализа на извештајот од надзорот за изградбата на градскиот водовод, со цел да се утврдат сите околности кои довеле до проблемот со квалитетот на водата.