Најмалку 20 лица загинаа во поплави во североисточен Авганистан, јави Ројтерс повикувајќи се на информациите од владата предводена од талибанците. Се очекува бројот на жртвите да расте, а стотина лица веќе се водат за исчезнати.
Најголем дел од штетите се регистрирани во градот Парун, главниот град на источната провинција Нуристан, се наведува во соопштение на националниот орган за управување со катастрофи на талибанските власти. Според истите извори, најмалку 80 лица се повредени.
Претставници на талибанската администрација соопштија дека е започната потрага и спасувачка операција во оддалечената провинција на авганистанско-пакистанската граница.
Спасувачките екипи стравуваат од „големи материјални и човечки загуби“, соопштија талибанските власти, на кои се повикува Ројтерс.