Breaking ФОТО Се сруши 60 метарскиот јарбол со македонското знаме кај Ист Гејт
Свет

Првиот ден од мандатот на новиот британски премиер Анди Бернам во фокусот на западниот печат

Првиот ден од мандатот на новиот британски премиер Анди Бернам во фокусот на западниот печат

Првиот ден од мандатот на новиот британски премиер Анди Бернам стана водечка тема во западните медиуми, кои оценуваат дека почетните кадровски потези и пораките од „Даунинг стрит 10“ упатуваат на амбициозна промена на курсот и обид за брзо стабилизирање на политичката и економската сцена.

Весникот „Тајмс“ пишува дека Бернам ги отстранува клучните сојузници на досегашниот премиер Кир Стармер и му ја довери функцијата министер за финансии на поранешниот министер за одбрана Џон Хили, со јасна задача да ги смири пазарите. Истовремено, за министер за одбрана е назначен поранешниот министер за здравство Вес Стритинг, потег што британското издание го смета за изненадување.

„Дејли телеграф“ наведува дека враќањето на Џон Хили во Владата беше поздравено од воените кругови и го толкува неговото именување како сигнал за можно зголемување на расходите за одбрана. Во коментар за истиот весник, поранешниот пратеник на Лејбористичката партија и ексминистер за транспорт Том Харис оценува дека Бернам ризикува да го заврши мандатот со неуспех поради, како што вели, претерано високи очекувања втемелени во ветувањето за „најголеми промени во последните 40 години“.

Уредничкиот коментар на „Индепендент“ нотира дека со навестувањето за нова политика Бернам поставил „нов почеток“ и демонстрирал решителност со брзиот и „брутален“ кадровски пресврт во однос на кабинетот на неговиот претходник. „Гардијан“ оценува дека во првата обраќање пред „Даунинг стрит 10“ Бернам ги кажал „точните работи“, нагласувајќи дека само со повеќе храброст и враќање кон изворната мисија Лејбористичката партија може да ја поврати довербата во политиката и да ја оживее разочараната земја, но додава дека сега следи потешкиот дел — спроведувањето.

„Њујорк тајмс“ потсетува дека Бернам е седмиот лидер на Обединетото Кралство во изминатата деценија и дека уште на стартот се обидува да покаже поинаков стил на управување. Шпанскиот „Ел Паис“ подвлекува дека новиот премиер го започнал мандатот со силно ветување за политичка стабилност.

Паралелно со кадровските потези, Бернам интензивираше и меѓународни контакти. Тој разговараше телефонски со германскиот канцелар Фридрих Мерц за продолжување на билатералната соработка и напредок во спроведувањето на Кенсингтонскиот договор, како и со американскиот претседател Доналд Трамп, кому му ја потврди заложбата на Лондон за одбраната, безбедноста и поддршката за безбедно отворање на Ормузкиот теснец и решавање на пошироката блискоисточна криза. Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека имале „многу добар разговор“ и дека британската поддршка за Украина останува непоколеблива.

Во рамките на новата владина поставеност, покрај именувањето на Џон Хили за министер за финансии и Вес Стритинг за министер за одбрана, Ед Милибанд беше назначен за министер за надворешни работи. Претходно, кралот Чарлс Трети официјално го назначи Бернам за премиер и му довери составување влада, што Бакингемската палата го потврди во кратко соопштение. Кинескиот премиер Ли Ќјанг му упати честитка по повод стапувањето на функцијата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни