Македонија

Претседателката на Индија, Друпади Мурму, во прва официјална посета на Македонија: Стремеж за трговска размена од 500 милиони долари

Претседателката на Индија, Друпади Мурму, во прва официјална посета на Македонија: Стремеж за трговска размена од 500 милиони долари

Претседателката на Индија, Друпади Мурму, допатува во својата прва официјална посета на земјава. Заедно со бројна делегација во која членуваат и четириесетина деловни луѓе, таа оствари билатерална средба со македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова во Вила Водно, по што проследи и заедничка прес-конференција.

Во фокусот на разговорот меѓу двете претседателки беа зајакнувањето на економската соработка, привлекувањето инвестиции, дигиталната трансформација, како и продлабочувањето на односите во образованието и културата.

Годишната трговска размена меѓу двете земји во моментов изнесува 133 милиони американски долари, а целта е таа да се зголеми на 500 милиони долари. Соработката интензивно се развива во секторите за информатички технологии, земјоделство, туризам и фармацевтска индустрија.

„Ние сме привлечна влезна точка за индиските компании кои сакаат да го прошират своето присуство во Европа. Не сме само географска крстосница, туку и раскрсница на идеи, иновации и инвестиции. Има импресивен спектар на можности што чекаат да се претворат во конкретни проекти — од вештачка интелигенција и дигитална трансформација, до соработка меѓу универзитетите и научните истражувања.“, Гордана Силјановска-Давкова, претседателка на Македонија

Поддршка за бизнис-секторот и стипендии за дигитални вештини

Индиската претседателка Друпади Мурму истакна дека нејзината земја нуди програми со бесплатни стипендији за државни службеници и студенти за развој на дигитални вештини и обуки за вештачка интелигенција.

„Сакаме да промовираме подобра трговија и инвестиции и да ја охрабриме соработката меѓу нашите бизниси. Се согласивме да ја прошириме билатералната трговија над сегашниот обем и разговаравме за соработка во клучни сектори како ИТ, земјоделство, преработка на храна, фармација, туризам и аудиовизуелни уметности.“, Друпади Мурму, претседателка на Индија

Богата агенда и посета на значајни знаменитости

Попладнево, двете претседателки го отвораат Бизнис-форумот, од кој се очекува нов импулс во стопанската соработка.

Агендата предвидува и обраќање на претседателката Мурму пред пратениците во Собранието на тема развој на парламентарната демократија, полагање свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“, како и посета на Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на Град Скопје.

Утре, високата индиска делегација заминува во посета на Охрид, каде што ќе ги обиколи манастирскиот комплекс „Свети Наум“, Охридската чаршија и повеќе културно-историски spomenici.

Која е Друпади Мурму?

Друпади Мурму е 15-тиот претседател на Индија, втора жена на оваа функција и прва која потекнува од домородна заедница. Нејзиниот пат до највисоката државна функција опфаќа личен и професионален развој од учителка, преку државен службеник, пратеник, министерка и гувернерка. Во фокусот на нејзините политики се зајакнувањето на позицијата на жената во општеството, еднаков пристап до образование и развој на демократските принципи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни