По силното невреме што го зафати Скопје, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, свика итен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување.
Од Општината информираат дека е во тек координација меѓу сите надлежни служби, по што екипите ќе излезат на терен за увид на состојбата и преземање на потребните мерки за отстранување на последиците од невремето.
Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни и да избегнуваат непотребно движење додека траат силните временски услови.
Од Општина Центар апелираат сите случаи на паднати дрвја, оштетена инфраструктура или други штети предизвикани од невремето да бидат пријавени преку официјалните канали за комуникација, со цел екипите навремено да интервенираат.
„Сите надлежни служби се во состојба на целосна подготвеност и ќе интервенираат онаму каде што е најпотребно“, информираат од Општина Центар.