Македонија

Европа и САД ги забрзуваат инвестициите во критичните минерали, Иловица сè уште чека реализација

Европа и САД ги забрзуваат инвестициите во критичните минерали, Иловица сè уште чека реализација

Критичните минерали стануваат едно од клучните прашања за економската и индустриската политика на водечките светски економии. Во најновата анализа на Европскиот парламент „Политиките на САД за критични минерали и импликациите за стратешката автономија на ЕУ“ се наведува дека обезбедувањето сигурни извори на минерални суровини е од суштинско значење за конкурентноста, технолошкиот развој и геополитичката стабилност.

Во Македонија, пак, процесот на дефинирање на листата на критични минерални суровини сè уште е во тек. Меѓу ресурсите за кои е познато дека земјата располага со значајни резерви е бакарот, а најголемото познато наоѓалиште е проектот „Иловица-Штука“, кој сè уште не е реализиран.

Проектот е опфатен во Стратегијата за минерални суровини 2026–2046, подготвена под координација на МАНУ. Во документот се предвидува развој на рударството преку комбинација на јавни вложувања и приватни инвестиции, при што се посочува дека реализацијата на проектите Иловица и Плавица би можела да генерира дополнителни 770 милиони евра за државниот буџет.

Според инвеститорот „Еуромакс Ресоурцес“, станува збор за гринфилд инвестиција вредна околу 350 милиони евра, која би можела да ја позиционира компанијата меѓу трите најголеми извозници во земјата.

Инаку, според анализата од Европарламентот во однос на финансирањето на мерките од стратегиите за критични минерали, САД обезбедуваат значително повеќе јавно финансирање од ЕУ.

„Федералните агенции на САД мобилизираат околу 46 милијарди евра, нудејќи флексибилна и широка поддршка. ЕУ обезбедува 5–6 милијарди евра за финансирање на Директивата за критични минерали, потпирајќи се главно на грантови и заеми. Пристапот на ЕУ е исто така побавен и потесен, со ограничено споделување на ризикот и постојани одложувања на проекти што произлегуваат од сложени процедури и тесни грла во процесот на издавање на дозволи“, се потенцира во анализата.

Глобалната конкуренција за критични минерали, како што се додава, ја издига анализата за синџирот на снабдување до стратешки императив.

„Владите, мултилатералните институции и приватните инвеститори сè повеќе признаваат дека можноста за обезбедување и преработка на минерали е прашање на индустриски суверенитет, технолошка конкурентност и геополитичко позиционирање. Растечките геополитички тензии, ограничувањата на извозот и доминацијата на клучните актери, особено Кина, дополнително ги зајакнуваат ризиците од снабдувањето, особено во фазите на обработка. Како одговор, креаторите на политики од двете страни на Атлантикот усвојуваат сè поинтервенционистички пристапи“, се нагласува во текстот.

Во заклучоците е акцентирано дека за разлика од САД, на ЕУ сè уште ѝ недостасува наменски инструмент за гарантирање долгорочни приходи за рудниците и инвеститорите во центрите за преработка. Значаен предизвик се и долгите временски периоди помеѓу геолошките истражувања и производството.

Во случајот со САД пак, се пријавува сериозен недостиг на работна сила. Повеќе од половина од моменталната домашна работна сила во рударството (приближно 221 000 работници) ќе се пензионираат и ќе треба да бидат заменети до 2029 година, додека во 2020 година, имало само 327 дипломирани во областа низ целата земја.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни