Македонија

Ангелов за водата во Крушево: Поради прекин на струја еден час не работел уредот за хлорирање

Ангелов за водата во Крушево: Поради прекин на струја еден час не работел уредот за хлорирање

Проблемот со крушевскиот водовод не е ист со кризата што го зафати Гостивар, бидејќи причината била краткотраен прекин на електричната енергија, по што системот за хлорирање продолжил со работа, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

На денешната прес-конференција во Центарот за управување со кризи во Скопје, Ангелов посочи дека веднаш по информациите за неисправност на водата во Крушево разговарал со градоначалникот на општината, од кого добил објаснување за причините за состојбата.

Според информациите што ги добил, поради прекин на електричната енергија во траење од околу еден час, уредот за хлорирање на водата не функционирал, што довело до нарушување на процесот на дезинфекција.

„Случајот во Крушево ни оддалеку не е сличен на она што се случуваше во Гостивар. Веднаш по тој еден час, уредот што внесува хлор во градскиот водовод продолжил со работа и очекувам состојбата таму веќе да биде целосно стабилизирана“, изјави Ангелов.

Тој нагласи дека во Крушево нема регистрирани случаи на граѓани кои се пожалиле на здравствени симптоми и дека двата случаи не треба да се ставаат во ист контекст.

„Немаме појава на луѓе што се жалат на здравствени симптоми и воопшто не треба да се споредуваат овие два случаи“, додаде Ангелов.

За деталната состојба со квалитетот на водата во Крушево, тој посочи дека дополнителни информации треба да се побараат од локалната самоуправа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни