Македонија

ИЈЗ: Осум случаи на западнонилска треска регистрирани годинава во Македонија

ИЈЗ: Осум случаи на западнонилска треска регистрирани годинава во Македонија

Во Македонија од почетокот на годинава се регистрирани осум случаи на западнонилска треска, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Од нив, седум случаи се лабораториски потврдени, додека еден се води како веројатен.

Според извештајот на ИЈЗ, само во текот на јули се потврдени пет нови случаи, иако кај дел од пациентите првите симптоми се појавиле уште во мај и јуни. Последниот случај е евидентиран минатиот четврток.

Најголем дел од заболените се заразиле во земјава. Регистрирани се шест автохтони случаи од Скопје и Велес, додека едно лице од Скопје има историја на патување во Грција, но инкубацискиот период опфаќа и престој во Македонија, поради што не може со сигурност да се утврди местото на инфекцијата.

Од вкупно осумте заболени, седум се мажи, а едно е жена. Најпогодена е повозрасната популација – шестмина пациенти се постари од 60 години, додека две лица се на возраст од 50 до 59 години.

Сите заболени развиле потешка форма на болеста со зафатеност на централниот нервен систем и биле хоспитализирани. Во меѓувреме, тројца пациенти се пуштени на домашно лекување.

ИЈЗ потсетува дека западнонилската треска е вирусно заболување што најчесто се пренесува преку каснување од заразен комарец. Болеста не се пренесува од човек на човек, освен во исклучителни случаи како трансфузија на крв или трансплантација на органи.

Инкубацијата обично трае од три до 14 дена. Кај околу 80 проценти од заразените инфекцијата поминува без симптоми, додека кај дел од пациентите се јавуваат треска и симптоми слични на грип. Помалку од еден процент развиваат тешка невроинвазивна форма на болеста, која може да предизвика воспаление на мозокот, воспаление на мозочните обвивки или парализа и да има сериозни последици.

Западнонилската треска првпат беше регистрирана во Македонија во 2011 година. До крајот на 2025 година биле евидентирани 54 лабораториски потврдени случаи, од кои пет завршиле со смртен исход.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни