Македонија

МВР предупредува: Не отворајте лажни пораки од „Безбеден град“, измамниците бараат лични податоци

МВР предупредува: Не отворајте лажни пораки од „Безбеден град“, измамниците бараат лични податоци

МВР упатува предупредување до граѓаните за нова форма на интернет измама преку лажни пораки поврзани со системот „Безбеден град“. Од Министерството информираат дека во изминатиот период се забележани фишинг напади преку СМС пораки, електронска пошта, лажни веб-страници, мобилни апликации и пораки на социјалните мрежи.

Според информациите, измамниците испраќаат пораки во кои лажно се претставуваат како Одделот за моторни возила, при што ги известуваат граѓаните за наводен сообраќаен прекршок и им доставуваат линк преку кој треба да извршат уплата.

Од МВР апелираат граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и да не оставаат лични или банкарски податоци на непроверени страници. Особено се предупредува да не се споделуваат броеви на платежни картички, лозинки и лични идентификатори преку неофицијални канали.

Граѓаните се советуваат внимателно да ја проверуваат адресата на испраќачот, бидејќи официјалните институции и компании користат службени домени, како и да активираат двофакторска автентикација за дополнителна заштита на своите профили.

Од Министерството појаснуваат дека вистинските СМС известувања за сообраќајни прекршоци треба да бидат испратени од испраќачот „MVR-SC“, да содржат регистарска ознака на возилото со кое е направен прекршокот и линк во формат „https://safecountry.mvr.gov.mk…“.

Секторот за компјутерски криминал при МВР продолжува со истрагите и преземање мерки за откривање и санкционирање на лицата кои стојат зад ваквите измами.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни