Свет

Министрите за внатрешни работи на ЕУ договорија построги мерки против криумчарите и засилен надзор на социјалните мрежи по кризата во Сеута

Министрите за внатрешни работи на ЕУ договорија построги мерки против криумчарите и засилен надзор на социјалните мрежи по кризата во Сеута

Министрите за внатрешни работи на Европската Унија денеска постигнаа согласност за интензивирање на борбата против мрежите за криумчарење мигранти и воведување подобар надзор на социјалните мрежи. Одлуката доаѓа по одржаната видеоконференција посветена на неодамнешниот масовен прилив на мигранти во шпанската енклава Сеута на северноафриканскиот брег.

Вонредниот состанок беше свикан откако минатата недела околу 72.000 луѓе преминаа од Мароко во оваа мала шпанска територија, повеќето препливувајќи. Шпанскиот министер за внатрешни работи, Фернандо Гранде-Марласка, соопшти дека околу 70.000 мигранти досега се вратени во Мароко, а бројот на загинати во овој инцидент се искачи на 75 лица.

„Постигнат е заеднички став за потребата од безкомпромисна борба против криумчарските мрежи, поефикасно спроведување на враќањата, зацврстување на надворешните гранични линии на ЕУ, градење подлабоки партнерства со трети земји и подобрување на аналитичкото предвидување на ваквите ситуации“, се наведува во официјалното соопштение од состанокот.

Дезинформациите на социјалните мрежи како поттик за бранот

Еврокомесарот за миграција, Магнус Брунер, нагласи дека Шпанија и Европол спроведуваат истрага за да утврдат што го предизвикало овој ненадеен прилив. Тој посочи на лажните вести и дезинформации што масовно се ширеле на платформи како TikTok, каде што преку видеа лажно се тврдело дека границата со Шпанија е отворена и дека на мигрантите ќе им биде обезбеден смештај и премин кон континенталниот дел на Европа.

За да се спречат слични кризи, ЕУ планира системски да ја следи комуникацијата на социјалните мрежи и да спречи дезинформации пласирани од, како што наведуваат, „злонамерни надворешни актери“. Брунер исто така потсети дека ниеден од пристигнатите мигранти не преминал во континентална Шпанија или во други земји од Шенген-зоната.

Единство и поддршка по првичните политички тензии

Иако настаните во Сеута првично предизвикаа остри критики од 22 земји-членки кои застапуваат порестриктивна миграциска политика кон шпанската влада на Педро Санчез, на состанокот министрите искажаа „силна солидарност со Шпанија“ и ги пофалија брзите дејствија на нејзините власти.

Европската комисија соопшти дека во тек се преговори за нов договор за партнерство со Мароко, кој ги опфаќа прашањата за миграција, како и предлози за надградба на системите за рано предупредување на граничните премини и зголемување на финансиската поддршка за Мароканските власти.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни