Три емисии државни обврзници во вкупен износ од 41 милион евра од денес котираат на Македонска берза, со што државата ќе се задолжи на внатрешниот пазар согласно планот за финансирање.
Најголемата емисија изнесува околу две милијарди денари (32,9 милиони евра) и опфаќа 202.370 долгорочни државни обврзници без девизна клаузула. Рокот на достасување е 30 јули 2041 година, со фиксна каматна стапка од 5,2 проценти.
Втората емисија опфаќа 37.676 државни обврзници со девизна клаузула во износ од 376,8 милиони денари (6,1 милион евра), со рок на достасување до 2041 година и каматна стапка од 5 проценти.
Во котацијата е вклучена и трета емисија од 12.321 државна обврзница без девизна клаузула, во вредност од 123,2 милиони денари (околу два милиони евра), која достасува на 30 јули 2029 година со каматна стапка од 4,35 проценти.
Од Министерството за финансии информираат дека издавањето на овие државни хартии од вредност, кои котираат на официјалниот пазар на Македонска берза, е дел од планираното задолжување на домашниот пазар согласно усвоениот буџет и ребаланс за 2026 година во Собранието. Министерството посочува дека календарот на аукции за третиот и четвртиот квартал е објавен во текот на јуни 2026 година на нивната интернет-страница, каде што се достапни и проспектите со условите и датумите на одржување на аукциите.