Македонија

Десет години од поплавите во Скопје во кои загинаа 22 лица

Десет години од поплавите во Скопје во кои загинаа 22 лица

Денес се навршуваат десет години од силното невреме што на 6 август 2016 година го погоди скопскиот регион и предизвика тешки поплави во кои животот го загубија 22 лица. Трагичните настани оставија длабок белег врз локалните заедници и остануваат потсетник на потребата од подобра превенција и брза реакција при екстремни временски појави.

Невремето започна попладнето, со обилни врнежи од дожд проследени со силен ветер. Најтешко погодени беа реоните околу селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново, каде поројните води нанесоа значителни штети и предизвикаа човечки жртви.

Во текот на 24 часа на 6 август 2016 година во Скопје наврнаа 92,9 литри дожд на метар квадратен, а во првите два часа беа регистрирани повеќе од 800 удари на гром. Поројните води уриваа дрвја, поплавуваа домови и предизвикаа прекини во снабдувањето со електрична енергија. Во текот на ноќта беа евакуирани околу илјада жители од најпогодените подрачја.

Во следните денови граѓаните од целата држава, координирани од Црвениот крст, Кризниот штаб и надлежните институции, организираа акции за прибирање храна, вода, облека и друга неопходна помош за настраданите. На 8 август 2016 година беше прогласен Ден на жалост во Република Македонија.

Управата за хидрометеоролошки работи во своите извештаи по невремето соопшти дека на Зајчев Рид, главната метеоролошка станица во Скопје, бил забележан рекорден интензитет на петчасовни врнежи од 84,5 милиметри, што го потврдува екстремниот карактер на временската непогода.

Скопје и денес се сеќава на жртвите и на солидарноста што ја покажа целата заедница. Да не се заборави, но никогаш да не се повтори.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни