Македонија

Постапка против 46-годишник за тешка сообраќајна несреќа во Радишани

Постапка против 46-годишник за тешка сообраќајна несреќа во Радишани

Основното јавно обвинителство – Скопје поведе скратена постапка против 46-годишен возач осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1, како и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода по член 301 став 1 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, на 7 август околу пладне осомничениот управувал автомобил „Сеат Алтеа“ по улицата „Радишанска“ во скопската населба Радишани. На крстосницата со улицата „18“, каде сообраќајот не е регулиран со знаци, свртел лево без да им овозможи првенство на возилата што доаѓале од спротивна насока.

Со тоа му го пресекол патот на мотоцикл „Кавасаки“ што ја задржувал насоката на движење од спротивна страна. За да избегне директен судир, мотоциклистот свртел лево и влегол на коловозна лента наменета за спротивен сообраќаен тек, каде со предниот дел од моторциклот удрил во автомобил „Алфа Ромео“ што се движел од таа насока.

Од ударот мотоциклистот Никола Макрачевски излетал, паднал на коловозот и се здобил со тешки телесни повреди од кои подоцна починал, а полесно бил повреден и возачот на „Алфа Ромео“.

Наместо да укаже помош, осомничениот го напуштил местото на несреќата.

За обезбедување на присуството на лицето во текот на постапката, јавниот обвинител предложи мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, обврска за редовно јавување во суд, привремено одземање на патна исправа и одземање возачка дозвола.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни