Живот

Спектакл на небото во среда: Како безбедно да го гледате помрачувањето на Сонцето

Спектакл на небото во среда: Како безбедно да го гледате помрачувањето на Сонцето

В среда, на 12 август, жителите низ Европа ќе имаат можност да присуствуваат на редок астрономски настан — Месечината ќе помине меѓу Земјата и Сонцето, предизвикувајќи целосно или делумно помрачување. Во земјите од Западен Балкан и централна Европа помрачувањето ќе се набљудува како делумно, додека целосно помрачување ќе биде видливо по должината на појасот од Арктикот, преку Гренланд и Исланд, сè до Шпанија.

Експертите од Европската вселенска агенција (ЕСА) и германскиот Сојузен завод за заштита од зрачење предупредуваат дека набљудувањето на овој феномен може да биде исклучително опасно за очното ткиво доколку не се користат соодветни заштитни мерки.

Зошто овој пат ризикот за очите е уште поголем?

Со оглед на тоа што помрачувањето ќе се случи во самрак (непосредно по 19 часот), Сонцето нема толку силно да заслепува. Fизичарите предупредуваат дека тоа е многу подмолно:

  • Исклучен е природниот рефлекс: Поради намалениот интензитет на светлина, отсутна е природната реакција на окото за брзо затворање или свртување на погледот.
  • Проширени зеници: Во самрак зениците се пошироки, со што овозможуваат поголемо количество штетно зрачење да допре директно до мрежницата.
  • Безболни оштетувања: Мрежницата нема рецептори за болка, па симптомите (замаглен вид, темни дамки или искривени линии) се појавуваат дури неколку часа по оштетувањето.

Како правилно да се заштитите?

Обичните очила за сонце, маските за заварување или импровизираните фолии не нудат никаква заштита.

  1. Сертифицирани очила за помрачување: Треба да поседуваат ознака CE и да го исполнуваат стандардот DIN EN ISO 12312-2:2015. Очилата мора да ги покриваат очите во целост и да немаат гребнатини или оштетувања. Старите очила (на пример од 1999 година) не треба да се користат.
  2. Заштита за камери и телескопи: Доколку фотографирате, задолжително користете специјални соларни филтри за леќите на телефонот или апаратот. Погледнувањето кроз оптички уреди без филтер може веднаш да предизвика слепило бидејќи оние дополнително ги фокусираат сончевите зраци.
  3. Алтернатива за деца (Проекција): Доколку немате заштитни очила, направете едноставна „камера со дупче“ (pinhole camera) од картон и паус-хартија, што овозможува потполно безбедно индиректно гледање.

Кога и каде да гледате?

Феноменот започнува во раните вечерни часови, нешто по 19:00 часот. За најдобар поглед, пронајдете локација со чист хоризонт свртена кон северозапад, бидејќи Сонцето во тој период ќе биде ниско на небото.

Доколку случајно погледнете директно во Сонцето и подоцна забележите какви било промени во видот, експертите советуваат веднаш да побарате помош од очен лекар.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни