Кремите со заштитен фактор сами по себе не се доволни доколку предолго се престојува на сонце, особено во денови со висок УВ-индекс. Иако изгорениците од сонце ретко директно го загрозуваат животот, последиците врз здравјето на кожата можат да бидат долгорочни, предупредува примариус д-р Билјана Ќертиќ, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија.
„Кожата е нашиот најголем орган и таа памети сè. Континуираното и прекумерно изложување на сончевите зраци предизвикува оштетувања на ниво на ткиво, што значително го зголемува ризикот од појава на меланом и други видови рак на кожата“, истакнува д-р Ќертиќ.
Јогуртот и маслата се погрешен избор: Најважно е ладењето
При полесни изгореници следени со црвенило, печење и болка, медицинска помош најчесто не е потребна, но задолжително е правилното третирање. Според д-р Ќертиќ, традиционалните народни лекови како јогурт, кисело млеко, разни масла или мелеми треба целосно да се избегнуваат.
Правилни чекори за прва помош:
- Повлекување во лад: Веднаш да се скрати престојот на сонце.
- Рехидратација: Внесување големи количини течности.
- Континуирано ладење: Туширање со млака/ладна вода и ставање ладни облоги на зафатените места.
Кога мора да се побара лекарска помош?
Доколку изгорениците зафатат поголема површина од телото и се проследени со симптоми како пликови, покачена телесна температура, треска и језа, неопходно е веднаш да се обратите каже лекар.
Д-р Ќертиќ прави јасна разлика меѓу изгорениците од сонце и оние предизвикани од оган или врели течности. Додека сончевите изгореници оштетуваат површински слоеви, изгорениците од оган предизвикуваат длабоки деструкции на ткивото, бараат хируршки третман и директно го загрозуваат животот на пациентот.
Поради тоа, експертите апелираат на лична одговорност и умереност, нагласувајќи дека превенцијата е најдобрата заштита.