Македонското рударство се соочува со парадокс: професијата станува сè подобро платена, но бројот на луѓето што работат во секторот значително се намалува.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на работниците во индустријата во јуни 2026 година бил за 2,3% помал во споредба со јуни минатата година. Најголем пад има во рударството, каде што бројот на вработени е намален за 7,7%.
„Бројот на работниците во јуни 2026 година, во однос на јуни 2025 година, во секторот Рударство и вадење камен се намалил за 7.7%“, наведува Државниот завод за статистика.
Истовремено, просечните примања во рударството се искачија над илјада евра месечно, што покажува дека секторот и натаму нуди конкурентни услови за работа.
Проблемот е што без нови инвестиции нема ниту нови работни места. Додека постојните рудници постепено се соочуваат со ограничени капацитети, големите нови проекти, меѓу кои и рудникот за бакар „Иловица–Штука“, сè уште не се реализираат.
Компанијата „Еуромакс ресоурцес“ која стои зад инвестицијата во Иловица, најави 1.000 директни вработувања во текот на изградбата и 500 директни вработувања во текот на работењето, со предност за локалното население, додека пак проценките се дека ќе се отворат 2.700 индиректни вработувања како резултат на работата на рудникот. Овие индиректни вработувања се очекуваат преку соработката на компанијата со локалните добавувачи и изведувачи, а тука се опфатени услугите за снабдување со храна, транспорт, сместување… Овие дополнителни активности се предвидува дека засилено ќе го активираат локаното население и многу локални фирми ќе имаат придобивки како резултат на повисокиот животен стандард.
Универзитетската професорка по геологија Соња Лепиткова, во гостување на Канал 5 ТВ, нагласи дека рудниците се проекти кои имаат додадена вредност и треба да се отворат ако се исполнети сите неопходни критериуми и стандарди.
„Тоа се скапи објекти од самиот почеток на инвестирање. Таму луѓето работат за големи плати. Таму ќе се примаат не само геолози и рудари, туку и машински инженери, информатичари, сообраќајни инженери, технолози, металурзи, електроинженери итн. Таму ќе се земаат големи плати и тоа ќе носи развој на вкупниот сегмент на еден простор, па и на целата држава“, истакна Лепиткова.
Сепак, додека нема нови инвестиции се помал е и интересот кај младите да ги изучуваат овие струки. Претседателот на Здружението на металурзи и професор, Горан Начевски во изјава за Сител ТВ, сподели поразителни бројки за новозапишани студенти, додавајќи дека ваквиот вид на образование и е потребен на државата.
„Интересот за оваа професија е многу мал. Сега во моментов бараме и поддршка и од државата, затоа што многу мал број на студенти се запишаа на Технолошко-металуршкиот факултет. И покрај тоа што имаме многу добра соработка со индустријата, којашто дава стипендии за сите што ќе се запишат на металургија, бројот останува многу мал. Последната година беа шест, од кои само тројца продолжија во втора година. Нема интерес“, заклучи Начевски.
Инаку, во 2022 година имало 6678 работници во рударството, а бројката паднала на 4.364 во 2025 година. Негативниот тренд се забележува и во секој месец од 2026 година.