Свет

Што треба да знаеме за целосното сончево затемнување што ќе се набљудува денес

Што треба да знаеме за целосното сончево затемнување што ќе се набљудува денес

Целосно сончево затемнување ќе приреди небесен спектакл на 12 август, прв по повеќе од две години. Појавата се случува кога Месечината минува меѓу Сонцето и Земјата и фрла сенка што целосно ја блокира сончевата светлина во одделни делови од светот. Сонцето целосно ќе „исчезне“ во делови од северна Русија, Гренланд, Исланд, северна Шпанија и североисточна Португалија. За Европа, ова е прво целосно затемнување по 1999 година, потсетува Си-Ен-Ен. Делумно затемнување ќе биде видливо во делови од Европа, Африка и Северна Америка.

Во април 2024 година, целосно сончево затемнување беше видливо од Мексико, Соединетите Американски Држави и Канада, а последното видливо од континентална Европа беше во 2006 година. Настанот во август е првото целосно сончево затемнување видливо од континенталниот дел на Шпанија по 1905 година и прво од трите затемнувања што земјата ќе ги доживее во периодот 2026–2028 година.

Лунината сенка ќе мине по линијата Овиедо–Бургос–Сорија, каде затемнувањето ќе биде стопроцентно. Во останатите области затскривањето на Сонцето нема да биде целосно. На Иберискиот Полуостров веќе пристигнаа туристи од целиот свет, а властите на Балеарските Острови воведоа засилени мерки за безбедност; полицијата, итната помош и противпожарните служби се ставени во готовност за наредните денови.

„Целосното сончево затемнување е еден од оние ретки моменти кога милиони луѓе можат заедно да погледнат нагоре и истовремено да почувствуваат восхит и љубопитство“, изјави Карол Мандел, директорка за наука во Европската вселенска агенција. „Тоа е споделен миг што нè поврзува со Вселената и нè потсетува дека желбата да истражуваме и разбираме е една од најголемите сили на човештвото“, додаде таа.

Според веб-страницата Ертскај, тесната патека на целосноста ќе се протега околу 8.300 километри. Таа започнува над арктичкото крајбрежје и ќе помине близу Северниот Пол, пред да се придвижи над Гренланд, Исланд, Португалија и северна Шпанија.

Набљудувачите во Гренланд ќе видат нешто повеќе од две минути целосна фаза, додека во северна Шпанија таа може да трае околу 20 секунди, доколку временските услови дозволат. Неповолната облачност секогаш е најголема пречка за следење на затемнувањата. Патеката ќе помине над Галисија, а потоа и над Балеарските Острови со приближување на зајдисонцето, забрзувајќи го преминот од ден кон ноќ. Точните времиња и изгледот по локации ќе бидат објавени на веб-страницата Тајм енд Дејт. За оние што живеат надвор од зоната на целосност, Европската вселенска агенција ќе сподели пренос во живо од шпанската астрофизичка опсерваторија Хаваламбре во Теруел.

Следното целосно сончево затемнување ќе помине над јужна Шпанија, Северна Африка, Саудиска Арабија и Јемен на 2 август 2027 година. Во Соединетите Американски Држави повторна можност за целосно затемнување ќе има дури на 30 март 2033 година, и тоа само од Аљаска. На 22 август 2044 година целосна фаза ќе биде видлива во соседните сојузни држави над Северна Дакота и Монтана. Следното затемнување со траекторија „од брег до брег“, што ги опфаќа 48-те континентални сојузни држави, ќе се случи на 12 август 2045 година; патеката на целосноста ќе мине над Калифорнија, Невада, Јута, Колорадо, Канзас, Оклахома, Арканзас, Мисисипи, Алабама и Флорида, а делумна фаза ќе биде видлива и во други држави.

Набљудувањето мора да биде безбедно: не е дозволено директно да се гледа во Сонцето без специјална заштита. Потребни се сертифицирани очила за затемнување или рачен сончев визир. Како алтернатива, Сонцето може да се следи со телескоп или камера со предно монтиран сончев филтер што обезбедува иста заштита како очилата за затемнување. Обичните очила за сонце не се соодветна замена. Избегнувајте користење скинати, изгребани или оштетени очила за затемнување или визири. Исто така, не е безбедно да се гледа во Сонцето преку каков било оптички уред – објектив на фотоапарат, телескоп или двоглед – додека носите очила за затемнување или користите рачен визир, бидејќи зраците се концентрираат и можат да го изгорат филтерот и да предизвикаат тешко оштетување на видот.

Сончевите затемнувања им нудат на научниците единствена можност да го проучуваат Сонцето и неговата корона, односно надворешната атмосфера. За време на августовската појава, научници планираат да пуштат балони на голема височина што ќе снимаат слики од настанот и лунината сенка. Целта е да се повтори експериментот од 1919 година, со кој се измери како гравитацијата на Сонцето ја прекршува светлината од далечни ѕвезди и се потврди Општата теорија на релативноста на Алберт Ајнштајн. „Таквите моменти ги користиме за да ја доближиме вселенската наука и технологијата до јавноста, да ги инспирираме идните генерации и да ги обединиме луѓето низ Европа преку возбудата од откритијата“, рече Мандел од Европската вселенска агенција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни