Македонија

МПЦ-ОА е единствената православна црква во Македонија, реакција на Синодот

МПЦ-ОА е единствената православна црква во Македонија, реакција на Синодот

Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ–ОА) излезе со официјална реакција по повод неодамнешната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ, дадена во Мркоњиќ Град, во која тој рече дека „Српската Црква е иста и во… Скопје…“.

Од Синодот потсетуваат дека МПЦ-ОА е единствениот легитимен носител на благодатната полнота и автокефалноста на територијата на целата држава, како единствена канонска наследничка на обновената Охридска Архиепископија и Јустинијана Прва.

МПЦ-ОА: „Ја остваруваме мисијата за сите верници, без разлика на националноста“

Во своето соопштение, Светиот синод на МПЦ-ОА подвлекува дека црквата ја врши својата пастирска грижа кон сите православни христијани на својата канонска територија без каква било етничка или политичка условеност:

„Длабоко свесна за својата историска улога и за одговорноста во духовниот живот на македонскиот народ, а водена од евангелските начела и богатото православно предание, МПЦ-ОА останува Црква отворена за сите, обединувајќи ги своите верни во единството на верата и во евхаристиското заедништво, надминувајќи ги сите минливи политички, идеолошки и општествени поделби. Евангелието Христово, верата во Воскресението и благосостојбата на доверените души се основната и единствена водилка во дејствувањето на МПЦ–ОА и ги отфрла сите политички, идеолошки светови или платформи, од каде и да доаѓаат“, се потенцира во соопштението на Синодот.

Што изјави Вучиќ во Мркоњиќ Град?

Српскиот претседател Александар Вучиќ за време на комеморативниот собир за жртвите од акцијата „Олуја“ во Мркоњиќ Град (Босна и Херцеговина) изјави дека Српската православна црква (СПЦ) е единствена на сите меридијани, отфрлајќи ги идеите за нејзина децентрализација:

„Српската црква е една и иста. Таа е иста и во Мркоњиќ Град, Пирот, Сиднеј, Скопје, Франкфурт, Мелбурн и на секое друго место во светот… Полицентричните идеи за федерализирање и конфедерализирање на СПЦ се смрт за српскиот народ и за српската црква“, изјави Вучиќ.

Вучиќ додаде дека уште за време на литиите во Црна Гора во 2020 година, заедно со тогашниот патријарх Иринеј и српските архиереи, препознале обиди за формирање црковни структури со цел избришување на придевот „српска“.

Сепак, реакциите од Скопје се децидни – МПЦ-ОА го поседува Томосот за автокефалност и целосно го контролира црковниот и духовен живот на канонската територија на Република Македонија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни