Македонија

Сиљановска-Давкова за помилувањето на Шефије Јакупи: 35 години била жртва на насилство, заслужува крајот на животот да го помине на слобода

Сиљановска-Давкова за помилувањето на Шефије Јакупи: 35 години била жртва на насилство, заслужува крајот на животот да го помине на слобода

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го образложи помилувањето на 71-годишната Шефије Јакупи од кичевското село Зајас, која поминала 17 и пол години во затвор за убиство на својот сопруг. Според претседателката, Јакупи заслужува последните години од животот да ги помине на слобода, имајќи предвид дека со децении била изложена на семејно насилство.

Таа посочи дека повеќепати ги разгледала околностите на случајот, нагласувајќи дека, иако станува збор за сурово убиство, не може да се занемари фактот дека Јакупи повеќе од 35 години била изложена на континуирано насилство.

„Многупати го прочитав делото. Се работи за сурово убиство, но веројатно јавноста знае дека таа жена била подложена на продолжено насилство повеќе од 35 години. Мислев дека јас како жена морам да имам разбирање за еден живот што од утро до вечер бил исполнет со насилство“, изјави Сиљановска-Давкова.

Претседателката додаде дека функцијата ѝ дава можност за помилување и дека сметала оти Јакупи, како жена, мајка и сопруга која, според неа, целиот живот била тероризирана, заслужува староста да ја помине надвор од затвор.

„Многу би сакала крајот на животот или староста да го доживее на слобода. Мислам дека го заслужува тоа“, рече Сиљановска-Давкова.

Според претседателката, Јакупи била меѓу лицата кои најдолго издржувале затворска казна.

„Таа е човечко суштество, отслужила многу, а мислам дека од мене заслужува разбирање. Мислам дека секоја друга жена на моето место, како претседателка, би го сторила истото“, порача Сиљановска-Давкова.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни