Водата од водоводниот систем во Гостивар е целосно безбедна за пиење и за сите останати потреби, соопштија надлежните на денешната прес-конференција. Со ова официјално завршува кризната состојба која беше прогласена во градот по избивањето на епидемијата.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, оцени дека институциите успешно и во најкус можен рок се справиле со проблемот. Тој нагласи дека кризата настанала поради долгогодишни пропусти на локалната власт, но со брза реакција на сите надлежни служби, опасноста е отстранета.
„Нашата цел не беше да брзаме, туку забраната да се тргне тогаш кога водата ќе биде 100% сигурна и безбедна за пиење“, истакна Ангелов.
Според Ангелов, најсложениот дел од процесот било чистењето и хлорирањето на цевководот, како и деталните лабораториски проверки за присуство на остатоци од бактерии. Во процесот беа вклучени стручни лица, три акредитирани лаборатории, ИЈЗ Скопје, ЦЈЗ Тетово, скопски „Водовод“, Министерството за здравство, ЦУК, ДЗС и локалниот кризен штаб.
Задоволство од исходот изрази и Зуди Џелили, раководител на Локалниот кризен штаб во Гостивар, кој истакна дека оваа криза била сериозен тест, но покажала дека со меѓусебна соработка и професионалност на институциите, и најтешките предизвици може да се надминат.
Директорот на Центарот за јавно здравје – Тетово, Шаќир Зулбеари, во одговор на новинарски прашања за претходните анализи на водата, појасни дека нивната институција врши редовни годишни контроли според националната програма и сите резултати се уредно доставени до надлежните институции, додавајќи дека стручните лица секогаш навремено реагираат кога ќе забележат неправилности.