Акцијата за обновување на популацијата на охридската пастрмка продолжува неделава со ново порибување на Охридското Езеро. Во првата фаза ќе бидат пуштени 100.000 единки произведени во рамки на вештачкиот мрест во 2025 година.
Подмладокот има просечна тежина од околу 16 грама, а порибувањето ќе се одвива во период од пет до шест дена. Акцијата ќе опфати повеќе локалитети долж езерото, меѓу кои Трпејца, Пештани, Радожда, Калишта, Охрид и Струга.
Процесот ќе се спроведува под надзор на надлежните институции, со цел порибувањето да се реализира во согласност со предвидените процедури за заштита и зачувување на охридската пастрмка.
Втората фаза е планирана за септември, кога во Охридското Езеро треба да бидат пуштени уште околу 1,5 милиони единки охридска пастрмка, добиени од вештачкиот мрест во 2026 година.
Со двете фази, годинава во езерото ќе бидат пуштени вкупно околу 1,6 милиони пастрмки. Целта на порибувањето е обновување и зачувување на популацијата на охридската пастрмка, како автохтон вид карактеристичен за Охридското Езеро.