Македонија

Муцунски: По седум години Амбасадорскиот совет повторно ги собира македонските амбасадори во Скопје

Муцунски: По седум години Амбасадорскиот совет повторно ги собира македонските амбасадори во Скопје

Македонските амбасадори и генерални конзули од странство оваа недела ќе се соберат во Скопје на Амбасадорски совет, настан кој по повеќегодишна пауза повторно ќе се одржи со физичко присуство на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва.

Советот ќе се одржи во четврток и петок, а според министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, целта е да се направи пресек на досегашната работа, да се усогласат дипломатските позиции и да се утврдат конкретни задачи за претстојниот период.

Ова е прво физичко одржување на Амбасадорскиот совет во земјава по 2019 година. Во фокусот ќе бидат европската и евроатлантската агенда, актуелните геополитички и безбедносни случувања, регионалната стабилност, институционалната отпорност, економската дипломатија и конзуларните услуги.

„Амбасадорскиот совет е еден од најважните механизми за стратешка координација на македонската дипломатија. Целта е јасна: да направиме пресек на сработеното, да ги усогласиме позициите и, пред сè, да поставиме конкретни задачи за периодот што следува“, истакна Муцунски.

Во рамките на Советот, шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва ќе имаат можност за директни разговори со претседателката на државата, претседателот на Владата и претседателот на Собранието.

Муцунски порача дека во услови на длабоки геополитички промени е потребна поактивна дипломатија, која навремено ќе реагира, ќе гради партнерства и ќе ги застапува националните интереси.

Европската интеграција останува меѓу главните стратешки приоритети, при што дипломатската мрежа треба аргументирано да ги претставува позициите и реформските резултати на земјава пред европските партнери.

Посебно внимание ќе биде посветено на економската дипломатија. Муцунски очекува амбасадите и конзулатите да имаат поголема улога во привлекувањето инвестиции, зголемувањето на извозот, отворањето нови пазари и создавањето деловни контакти за македонските компании.

„Секој амбасадор мора да биде и економски промотор на нашата држава. Повеќе инвестиции, поголем извоз, нови деловни контакти и нови пазари за македонските компании мора да станат мерлив дел од работата на нашите претставништва“, порача министерот.

На дневен ред ќе бидат и модернизацијата и дигитализацијата на конзуларните услуги, подобрувањето на институционалната координација и комуникацијата со дијаспората.

Муцунски посочи дека дипломатската мрежа треба да биде во функција и на македонските граѓани кои живеат или престојуваат во странство, нагласувајќи дека државата треба да биде достапна за нив кога им е потребна.

Амбасадорскиот совет ќе биде и можност амбасадорите и генералните конзули директно да ги презентираат предизвиците со кои се соочуваат на терен и да предложат мерки за поефикасна и попрофесионална работа на дипломатската мрежа.

„Од нашата дипломатска мрежа очекуваме три работи: да ги штити нашите национални интереси, да отвора можности за нашата држава и да им служи на македонските граѓани“, нагласи Муцунски.

Министерот најави и официјална посета на земјава од страна на заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Чешка, Петр Мацинка, кој ќе биде еден од говорниците на Амбасадорскиот совет.

Во разговорите со чешкиот министер се очекува да бидат опфатени билатералните односи, европската перспектива на земјава, економската соработка, како и актуелните регионални и меѓународни прашања.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни