Вкупно 12 пожари на отворен простор се регистрирани во земјава до 13 часот денеска, од кои пет се сè уште активни, еден е ставен под контрола, а шест се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Активни пожари се регистрирани во повеќе делови од земјата. Во Општина Студеничани гори меѓу селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде е зафатена мешана шума.
Пожар има и во Општина Македонски Брод, во месноста Видуш, кај селата Драгов Дол и Локвица. Таму гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
На територијата на општините Јегуновце и Сарај активен е пожарот кај селата Копанце и Туденце, со ширење кон селото Бојане. Зафатена е мешана шума.
Активен пожар е регистриран и во Општина Прилеп, кај селото Чаниште, каде гори ниска вегетација.
Најсериозна е состојбата во Општина Старо Нагоричане, каде пожарот ги зафатил подрачјата околу селата Орах, Диманце и Руганце. Станува збор за шумски пожар, при што е зафатена и една куќа.
Еден пожар е ставен под контрола. Станува збор за пожар на депонија во Делчево.
Во меѓувреме, шест пожари се изгаснати. Тие биле регистрирани кај селото Милетино во Општина Брвеница, кај Железница во Кратово, во Ветуница во Ранковце, како и на подрачјето на Велес и Зелениково.
Пожари биле изгаснати и кај Батинци во Студеничани и кај Палиград во Зелениково.
Од ЦУК продолжуваат да ја следат состојбата на терен и апелираат до граѓаните на особена внимателност поради зголемениот ризик од пожари на отворен простор.