Зголемениот интерес кај граѓаните по појавата на случаи на западнонилска треска резултирал со стотина пријави за угинати птици до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Пријавите пристигнувале преку бесплатната телефонска линија, електронската адреса и други достапни канали.
Од АХВ апелираат граѓаните да не создаваат непотребна паника доколку забележат поединечна угината птица во урбана средина, вклучително и гаврани и други диви преселни птици.
Сепак, од Агенцијата посочуваат дека поголемо внимание е потребно доколку на едно подрачје, во краток временски период, се забележат повеќе угинати гаврани или други диви птици.
Во таков случај, граѓаните треба да го пријават настанот до надлежните служби и да избегнуваат директен контакт со угинатите птици, односно да не ги допираат или преместуваат.
АХВ информира дека континуирано ја следи состојбата и, согласно проценката на ризикот, презема мерки за надзор, земање примероци и нивно лабораториско испитување.
На апел за пријавување на угинати диви птици вчера повика и министерот за здравство Сашо Клековски. Тој посочи дека гавраните се меѓу најчестите резервоари на западнонилската треска и дека информациите од граѓаните се важни за следење на можните резервоари на инфекцијата.
„Најчести резервоари на западнонилската треска се гавраните“, посочи Клековски, повикувајќи ги граѓаните да пријават доколку забележат мртва дива птица.