По повеќегодишна пауза, автобусот со број 37 повторно ќе сообраќа низ Скопје, но овојпат со изменета траса која ќе поврзува повеќе населби и значајни точки во градот.
Претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитриевски, најави дека од 1 септември линијата 37 ќе биде повторно воведена во сообраќај, со траса од Радишани до Карпош 3.
Како што информира Димитриевски, новата траса е договорена во координација со градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и Општина Бутел. Линијата, според најавата, за првпат ќе го користи булеварот „Словенија“, а со неа директно ќе се поврзат Радишани и Бутел со средните училишта во Карпош и со Скопје Сити Мол.
Автобусот од Радишани ќе сообраќа по улиците „Радишанска“ и „Бутелска“, потоа по булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Словенија“, „Качанички пат“, Сервисна улица Качанички пат, булеварот „8 Септември“ и булеварот „Партизански одреди“. Крајната станица ќе биде на улицата „Манапо“ во Карпош 3.
Од ЈСП-Скопје информираат дека линијата ќе сообраќа од понеделник до петок.
Од Карпош 3 автобусите ќе тргнуваат во 06:40, 08:10, 14:10 и 15:40 часот, додека поаѓањата од Радишани се предвидени во 07:25, 08:55, 14:55 и 16:25 часот.
Во периодот до повторното пуштање во сообраќај ќе се врши промоција и информирање на граѓаните за новата траса и возниот ред.
Од 1 септември линијата 37 повторно ќе биде дел од јавниот превоз во Скопје, со нова траса која треба да обезбеди директна врска меѓу Радишани, Бутел и Карпош.