Македонија

Пченицата пред нов ценовен шок, поскапувањето ќе го почувствуваме и во Македонија

Пченицата пред нов ценовен шок, поскапувањето ќе го почувствуваме и во Македонија

Нов силен бран на поскапувања на храната се очекува на глобалниот пазар, а најголем притисок се предвидува кај житните производи, особено пченицата. Според анализите на британската „Оксфорд економикс“, светските цени на храната во 2026 година би можеле да пораснат за 11,8 проценти, а во 2027 година за дополнителни 4,8 проценти.

Тоа би значело нов притисок врз цените на основните прехранбени производи, меѓу кои лебот, тестенините и останатите производи од жито.

Еден од главните фактори се екстремните временски услови. Топлотните бранови и сушата во повеќе делови од Европа веќе оставија последици врз земјоделското производство. Поради високите температури, бриселското здружение на трговци со жито и маслодајни култури „Коцерал“ ја намали прогнозата за производството на жито во Европската Унија и Обединетото Кралство од 295,5 на 286,6 милиони тони. Лани производството изнесувало околу 310 милиони тони.

Дополнителен проблем за земјоделците се зголемените производни трошоци, особено за енергенсите и вештачките ѓубрива.

Нарушувањата во синџирите на снабдување дополнително го зголемуваат притисокот. Според анализите, блокадата на Ормутскиот Теснец поради конфликтот со Иран придонела за значително зголемување на цената на дизелот, кој во јули бил 36 проценти поскап во споредба со истиот месец минатата година. Истовремено, „Оксфорд економикс“ прогнозира дека цените на вештачките ѓубрива годинава ќе пораснат за 22 проценти.

„Најголемо влијание врз глобалните цени на храната има војната меѓу САД и Иран и нејзиниот ефект врз ресурсите потребни за производство, пред сè на дизелот, природниот гас и ѓубривото“, изјави Томас Дворак, виш економист во „Оксфорд економикс“.

Состојбата дополнително ја усложнува војната во Украина. Русија и Украина заедно учествуваат со речиси 30 проценти од светскиот извоз на пченица и повеќе од 10 проценти од извозот на пченка. Нападите врз пристаништата и нарушувањата на поморскиот сообраќај во Црното и Азовското Море го загрозуваат извозниот капацитет од околу 86 милиони тони годишно.

Најголем ризик има кај пченицата, бидејќи за нејзиното производство се потребни значителни количини вештачки ѓубрива. Според проекциите, во третиот квартал од 2026 година нејзината цена би можела да биде 36 проценти повисока од истиот период минатата година.

Најголем удар се очекува врз житото, овошјето, зеленчукот и млечните производи, бидејќи тие се особено чувствителни на суша и високи температури. Повисоките трошоци потоа би можеле да се пренесат и врз производите како леб, сирење, вино и масло.

Ефектот нема да биде истовремен кај сите производи. Кај свежото овошје и зеленчукот поскапувањето може да се почувствува за само два до три месеци, што значи дека првиот поголем бран би можел да се почувствува во октомври и ноември.

Кај преработената храна процесот е побавен, бидејќи е потребно време за жетва, преработка и дистрибуција. Најголем ценовен притисок кај овие производи се очекува меѓу февруари и мај следната година.

За Македонија и земјите од регионот, кои во значителна мера зависат од увоз на жито и храна, евентуалниот глобален раст на цените би можел директно да се одрази и врз домашните малопродажни цени.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни