Македонија

Јотова ѝ пишала писмо на Давкова за Михајлова, претседателката одговори: Нека дојдат тука бугарски лекари

Јотова ѝ пишала писмо на Давкова за Михајлова, претседателката одговори: Нека дојдат тука бугарски лекари

Претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова порача дека нема да интервенира во судските процеси во врска со случајот на обвинетата Ива Михајлова, истакнувајќи дека принципот на владеење на правото и почитувањето на поделбата на власта и независноста на судството се нејзина неприкосновена црвена линија.

Во своето интервју во емисијата „Тема на денот“ на Сител, шефицата на државата откри дека од бугарската страна, покрај честитката за 8 Септември, добила и писмо посветено токму на случајот со Михајлова.

„Благодарна сум за комплиментите дека сум врвен правник и дека животот сум го посветила на владеењето на правото, но тоа токму значи дека ја почитувам поделбата на власта и независноста на судството. Јас нема да се осудам да интервенирам во судот, бидејќи верувам во независноста на правосудството“, нагласи Силјановска-Давкова.

Таа појасни зошто досега јавно не реагирала на испратеното писмо, наведувајќи дека сакала директно, на билатерална средба (интер партес), да образложи оти нема да врати одговор со цел да се заштити кредибилитетот и интегритетот на двете претседателски институции.

Осврнувајќи се на формулацијата од дописот каде што Михајлова се именува како „наша заедничка граѓанка“, претседателката повлече јасна правна дистинкција меѓу поимите „граѓанство“ и „државјанство“.

„Државјанството да, е основ за граѓански статус, но делото е сторено овде, македонската граѓанка живее овде и за неа важи македонското право. Се работи за закана во сообраќајот со смртна последица и тоа мора да се има предвид — тоа е факт кој не смее да се превидува или намерно да се изоставува“, подвлече претседателката.

Во поглед на здравствената состојба и лекувањето на обвинетата, Силјановска-Давкова потсети дека институциите остануваат максимално отворени и кооперативни. Таа потврди дека министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, за време на официјалната посета на Софија понудил бугарски медицински тимови да дојдат во земјава и, во соработка со домашните лекари, да помогнат во решавањето на нејзиниот здравствен проблем доколку има таква потреба.

Сепак, претседателката беше децидна: отвореноста за дијалог постои исклучиво за надлежностите што ѝ припаѓаат на извршната и дипломатската власт, додека какво било мешање во судската власт за конкретни кривични постапки е неприфатливо.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни