Пожарот кај прилепското село Чаниште, во Мариово, и натаму е активен, но во моментов не претставува директна опасност за населените места, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Ангелов во видеоизјава посочи дека пред селото Крушевица е воспоставена одбрана, а огнената линија во текот на ноќта била пресечена на повеќе места.
„Во овој момент нема активен крак којшто се движи кон селото Крушевица, што не значи дека состојбата нема да се смени“, рече Ангелов, додавајќи дека генерално состојбата е стабилна, но може да се влоши во секој момент.
На делот кон битолското село Орле, со пожарот се борат битолските пожарникари, а ангажиран е и тежок булдожер кој изработува противпожарен пресек.
Во гаснењето од прилепската страна се ангажирани прилепски пожарникари, специјални тимови на ДЗС со четири возила „пинцгауер“, како и доброволни пожарникари од Битола, Кочани и Виница.
Според Ангелов, значаен придонес дал и полицискиот хеликоптер, кој помогнал во гаснењето на дел од сртот до кој не можело да се стигне со возилата.
„Голем дел од краците се испресечени. Ако линијата беше можеби повеќе од 20 километри, сега таа е прекината“, истакна директорот на ДЗС.
Тој нагласи дека засега е ставен акцент на заштитата на населените места. Во текот на интервенцијата биле одбранети неколку манастири, трла и пчеларник.
Во Чаниште нема изгорено ниту една куќа во која живеат жители, а огнот зафатил повеќе стари и напуштени објекти. Се проверува дали меѓу нив има и објекти кои повремено се користеле како викендички.
Во гаснењето се вклучени и трите ер-трактори на ДЗС, а активностите ќе продолжат и во наредниот ден. Приоритет, како што посочи Ангелов, останува целосната заштита на сите населени места во регионот.
Ангелов упати и апел до сопствениците на куќи и викендички во полунапуштените села редовно да ги одржуваат дворовите и да создадат земјен заштитен појас без вегетација.
„Земјата не гори“, порача тој.