Состојбата со пожарите на отворен простор и натаму е сериозна. До 13 часот денеска се регистрирани вкупно 12 пожари низ земјава, од кои осум сè уште се активни, додека четири се локализирани и изгаснати.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, активни пожари има во повеќе општини, при што огнот зафаќа ниска и висока вегетација, грмушки и шумски површини.
Во реонот на општините Прилеп, Новаци и Могила, активен е пожарот на потегот од село Чаниште кон Крушевица и Лопатица, со краци кон Црна Река, село Орле во Општина Новаци и село Мојно во Општина Могила. Зафатена е ниска вегетација.
Активни пожари се регистрирани и во Општина Крушево, кај селата Белушино и Јакреново, каде што гори ниска вегетација и деградирана дабова шума.
Во Општина Студеничани пожарот се шири на потегот Моране – Вртекица – Рамни Габер, каде што е зафатена мешана шума.
Во Општина Македонски Брод активни се пожарите кај месноста Видуш, во близина на селата Драгов Дол и Локвица. Гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Пожар е активен и кај село Тајмиште, во месноста Дарда, во Општина Кичево, каде што е зафатена високостеблеста букова шума.
Во Општина Велес гори ниска вегетација и грмушки кај селото Караслари, додека во Општина Липково активен е пожарот кај селото Никуштак, каде што се зафатени ниска вегетација и шума.
Во Општина Куманово активни пожари има кај селата Кучкарево и Градиште, каде што гори ниска вегетација.
Во меѓувреме, четири пожари се ставени под контрола и се изгаснати.
Во Општина Радовиш изгаснат е пожарот кај селото Калугерци, каде што гореле ниска вегетација и контејнер. Изгаснат е и пожарот кај стадионот во населбата Фазанерија во Гостивар, каде што гореле ниска вегетација и отпад.
Пожарот во месноста Ило Виларов во Општина Неготино, како и пожарот во Ново Село во Општина Струга, исто така се изгаснати. Во двата случаи била зафатена ниска вегетација.